Примена на картички со стрелки за месна вредност
За практична реализација на наставата во училницата, како и за вежбање математика дома, со помош на родителите.
Еден комплет картички за месна вредност содржи:
– Два основни сета картички со стрелки (илјадарки, стотки, десетки и единици), за усвојување на концептот за месна вредност (местоположба на цифрите во еден број)
ВОВЕДУВАЊЕ НА КАРТИЧКИТЕ СО СТРЕЛКИ
Многу активности поврзани со месната вредност (местоположбата на цифрите во еден број) и сметањето можат да бидат прикажани и/или одговорени користејќи токму картички со стрелки. Картичките со стрелки се комплет од картички за месна вредност со „стрелки“ или насока на десната страна од картичката. Учениците можат да ги поставуваат картичките хоризонтално или вертикално, за да го претстават конкретниот број во разложена форма. Можат да ги преклопуваат картичките во насока на стрелките во процесот на формирање на повеќецифрени броеви.
Ова се важни ресурси за наставата и учењето и би било корисно за секој ученик да има на располагање по еден таков комплет. Во второ одделение, учениците треба да работат со броеви до 100 и за таа цел ќе им бидат потребни картички со единици и десетки, а во трето одделение работат до 1000, па ќе им бидат потребни и стотки. Во повисоките одделенија можете да формирате и поголеми броеви, како и да воведете децимали, бидејќи овој комплет содржи броеви до 99.999.
Доколку учениците претходно не работеле со вакви математички картички со стрелки треба да ги научите како да ги користат.
• Почнете со тоа што ќе им ги покажете стрелките на картичките. Објаснете им дека стрелките одат една врз друга кога составуваат број.
• Кажете им на учениците да ги подредат картичките во единици и десетки.
• Откако ќе ги наредат картичките, кажете им да ви покажат броеви, почнувајќи со броеви за кои е потребна една картичка. На пример: Покажи ми 3, 6, 7, 10, 40, 60.
• Потоа покажете им на учениците како да ги користат картичките за да направат броеви. Можеби ќе треба да им демонстрирате. На пример, вака се прави 15. Набљудувајте за да видите дали учениците ќе ги стават картичките со 4 и 5 заедно (ако го прават тоа, потсетете ги дека стрелките треба да одат една врз друга).
• Проверете дали учениците можат да ги состават броевите со тоа што вие ќе кажувате некој број, а тие ќе треба да ви го покажуваат.
• Како учениците ќе ги составуваат броевите, така тие ќе почнат да ги поврзуваат и да ги забележуваат работите. На пример: Можат да забележат дека составувањето броеви е исто што и собирање (додавање) броеви. На пример: 30 + 5 = 35. Ова претставува важна забелешка што ја поставува основата за разложување на броеви и методи за понатамошните фази. Охрабрете ги учениците да ги споделат нивните забелешки со остатокот од одделението.
Во понатамошниот текст се дадени идеи како на различни начини да употребите картички со стрелки во активностите за умствено загревање.
Како што ги разгледувате активностите, запомнете:
• Најголемиот дел од овие активности можат да бидат повторени со едноставно користење на различни вредности.
• Повеќето од активностите можете да ги адаптирате и да ги направите полесни или потешки.
• Повеќето од овие активности можат да се работат без дополнителни ресурси. Ве советуваме да ги зачувате сите материјали што ќе ги употребите и да си создадете катче со ресурси.
ИДЕИ ЗА ПРАКТИЧНА РАБОТА И УМСТВЕНИ ВЕЖБИ
Учениците на почетокот можеби ќе знаат напамет да бројат до 20, но тие веројатно сè уште не разбираат како се формираат двоцифрените броеви. Концептот на „месна вредност“ (местоположба на цифрите во бројот) најефективно се воведува со помош на картичките со стрелки. Запомнете дека учениците постојано ќе работат со месна вредност сè до 6-то одделение и затоа ова е само вовед.
Употребете картички со стрелки за да запишете броеви. Кажете број и оставете ги учениците нека го состават. Кажете „покажи ми“ и тие нека го покажат бројот.
Употребете картички со стрелки и поминете некое време составувајќи симетрични броеви, на пример 39 и 93; 19 и 91. За да се уверите дека учениците ја разбрале важноста на позицијата на цифрите. Разговарајте за вредноста на цифрите во броевите што ги составуваат учениците. Направете го тоа преку составување на двоцифрени броеви (на пример, 53) со картички со стрелки и побарајте од учениците да ви кажат што означуваат цифрите 5 и 3 (53).
За оваа активност покрај картичките со стрелки ќе ви бидат потребни и неколку борјаници или други ситни предмети за означување врз табелата. Покажете картичка со стрелка. Ставете сет од 10 бројаници под првата колона (колона на десетки) и бројаницата под втората колона (колона на единици). Гласно кажете: „Една десетка и една единица“. Нацртајте графикон или табела на таблата каде што јасно ќе бидат претставени две колони (односно табела со месни вредности), како што е прикажано:
Потоа прашајте: „Што ако додадеме уште едно? Кој е бројот по 11?“ (12). Бројот прикажете го на сосема идентичен начин: со 10 и 2 бројаници, со запишување на цифрите 1 и 2 во табелата со месни вредности, со запишување на името на бројот. На крајот претставувајте го бројот и со помош на картички со стрелки, за да го утврдат и запишувањето на бројот со цифри.
За секој број демонстрирајте како треба да се пополни табелата со месни вредности. Дозволете им на учениците да вежбаат слични примери на табла.
На учениците покажете им како да формираат двоцифрени броеви со користење картички со стрелки, а потоа побарајте учениците сами да го направат тоа. На пример: Формирајте број што има 1 десетка и 4 единици, формирајте број што има 2 десетки и 9 единици. Постапката повторете ја неколкупати, а броевите задавајте ги случајно. Побарајте учениците да ви објаснат што всушност направиле: на пример, го направив бројот 25 и искористив 20 и уште 5, тоа е исто што и 2 десетки и 5 единици. Потрудете се да проверите дали сите ученици правилно ги користат картичките со стрелки.
Исто така, картичките со стрелки можете да ги употребите за да ги подобрите активностите со броење. Овие активности се корисни бидејќи бараат од учениците физички да создадат броеви, па да ги разложат и да ги сменат цифрите, а тоа им помага да развијат чувство за сметање со двоцифрени броеви. Некои активности вклучуваат:
– Составете број што е за 10 поголем од 37.
– Составете број што е за 10 помал од 83.
– Составете број што е за 3 помал од 44.
– Составете број што е за 5 помал од 80.
Употребете картички со стрелки за да запишете броеви. Кажете број и оставете ги учениците нека го состават. Кажете „покажи ми“ и тие нека го покажат бројот. Употребете картички со стрелки и поминете некое време составувајќи симетрични броеви, на пример 39 и 93; 19 и 91, за да се уверите дека учениците ја разбрале важноста на местоположбата на цифрите. Разговарајте за вредноста на цифрите во броевите што ги составуваат учениците. Направете го тоа преку составување на двоцифрени броеви (на пример, 53) со картички со стрелки и побарајте од учениците да ви кажат што означуваат цифрите 5 и 3 (50 и 3).
Можете да употребите дел од картичките со стрелки за да формирате броеви. Учениците нека ги искористат своите картички означени со 10, 20, 30 и 40 и картичките со единици. Направете две купчиња од картички, завртете ги картичките наопаку, а учениците нека извлекуваат по една од картичките со десетки и единици, нека состават број, нека го изговорат и нека го запишат неговото името.
Употребете картички со стрелки за да формирате броеви од 11 до 19, а потоа разложете ги (на пример, на 10 и 5) и запишете ги со равенства со собирање.
Поттикнете го усното подредување на броеви, со тоа што ќе поставувате прашања од типот: „Кој број следува по бројот 65?“, „Кој број е пред бројот 89?“ и слично. Учениците одговорот нека го дадат користејќи картички со стрелки, односно со картички со стрелки нека го прикажат бројот што е одговор на поставеното прашање.
Употребете картички со стрелки за да покажете како да собирате броеви со помош на разложување, користејќи месна вредност, а потоа додавајќи стотки, десетки и единици пред да ги споите заедно двата броја и да ја најдете сумата. Ова е важна и несомнено основна вештина што учениците мораат да ја знаат и да ја владеат за да можат да пресметуваат. На пример: Можете да им покажете како да се соберат 38 и 141 на следниот начин:
38 = 30 + 8
141 = 100 + 40 + 1
100 + 70 + 9 = 179.
Учениците нека работат во парови со своите комплети од картички со стрелки за да направат различни пресметувања.
Поставувајте прашања да го утврдите разложувањето преку прашања како:
– Колку единици има во бројот 60?
– Колку единици има во бројот 80?
– Која е вредноста на цифрата 2 во бројот 52?
– Која е вредноста на цифрата 8 во бројот 87?
… и слично.
Играјте игри со картички со стрелки со што ќе ги поттикнете учениците да слушаат и да мислат внимателно. На пример:
– Составете број што содржи четири десетки и три единици, четири десетки и не содржи единици, не содржи десетки, а содржи девет единици.
– Составете ги броевите 45 и 54. Кој од нив е помал? И слични.
– Составете ги броевите 19 и 21. Кој од нив е поголем? (И слични, притоа менувајќи го редоследот на кажување на помалиот и на поголемиот број.)
– Составете број помеѓу 33 и 36.
– Составете парен (непарен) број што се наоѓа помеѓу броевите 11 и 19.
– Составете броеви чијшто збир на цифри е 10 (73, 64 итн.).
– Колку броеви помали од 100 можете да формирате ако на местото на десетките стои цифрата 4?
– Јас сум број помеѓу 40 и 60 и во мојот запис содржам една петка. Кој број можам да бидам јас? (И слично.)
– Составете број што исто се чита и одлево и оддесно.
Учениците треба на крајот да го состават бараниот број со помош на картички со стрелки и да го кажат на глас.
Истите активности можете да ги употребувате не само за десетки, туку и за стотки, илјадарки итн.
***
Доколку сакате да дадете придонес со ваш предлог за практички активности или имате друга корисна идеја за примена на картичките и сакате да ја споделите, пишете ни на obrazovanie@literatura.mk.
You must be logged in to post a comment.