Примена на картички Фигури и простор
За практична реализација на наставата во училницата, како и за вежбање математика дома, со помош на родителите.
Еден комплет флеш-картички „Фигури и простор“ содржи:
– Картички со геометриски форми и фигури
– Картички за местоположба
– Картички со спротивности
– Празни картички („пиши-бриши“)*
ИДЕИ ЗА ПРАКТИЧНА РАБОТА И УМСТВЕНИ ВЕЖБИ
Форми и фигури
Учениците можеби не ги знаат или не се сеќаваат на имињата на некои геометриски слики или тела. Помогнете им да го утврдат нивното познавање преку покажување на телата заедно со нивните имиња. Обидете се секогаш да ги користите и вие правилните имиња за учениците да се запознаат со нив и да се чувствуваат сигурни кога ќе ги користат.
Утврдете го познавањето на имињата на фигурите преку сет флеш-картички со фигури. На едната страна од картичките има предмети од секојдневниот живот, а на другата цртежи и имињата на фигурите кои одговараат на тие предмети. За загревање и проверка на познавање на имињата и фигурите, започнете со покажување на картичките од страната на која се прикажани предметите и учениците нека ја препознаат соодветната фигура.
Потоа можете да играте и игра. Дајте ѝ на секоја група по еден комплет картички и нека ги поделат меѓу себе. Најнапред се избира еден ученик кој прв ќе сврти картичка од горната страна на својот куп со картички. Останатите ученици истовремено вртат по една картичка од горните страни на своите купчиња со картички. Доколку некој од учениците забележи дека неговата картичка има фигура од ист вид или го има името на фигурата од картичката на ученикот кој ја почнува играта, треба да извика „имам“ и ги зема кај себе двете купчиња картички што се наоѓаат под картичките што си одговараат, отстранувајќи ги најгорните, веќе видени картички. Играта продолжува со тоа што секогаш прв врти картичка ученикот кој е на ред. Победник е оној што ќе ги собере кај себе сите картички. Препорачан број ученици во оваа игра е 5-10 ученици.
За утврдување на својствата на формите и фигурите, можете да ја играте следната игра: учениците нека работат во парови. Еден ученик ќе извлече една флеш-картичка со некоја форма или фигура и ги опишува својствата на таа фигура (број на страни, дали површините се рамни или не итн.), а другиот ученик треба да го препознае и да го каже името на таа фигура.
Многу ученици можеби досега воопшто немаат групирано фигури според својствата што ги имаат, туку едноставно се имаат фокусирано на бојата и големината. Дискусиите со насочувачки потпрашања и активности ќе им помогнат да видат дека формите можат да бидат групирани во категории од иста форма. Активностите за групирање во оваа тема можат да се користат и за да се научат учениците да го следат групирањето со прецртување на фигурите додека ги пребројуваат и со запишување на цртички за секоја прецртана фигура.
Разделете го одделението на неколку групи и на секоја од групите дајте ѝ неколку фигури да ги групира. Бидете сигурни дека секоја од групите има различни видови фигури за групирање. Побарајте од групите да објаснат пред одделението на кој начин го извршиле групирањето на фигурите (некои групирањето го имаат извршено според големината, други според бојата, трети според формата…).
Наместете повеќе картички со различни фигури по случаен редослед на масата. Објаснете дека можеме фигурите да ги групираме на различни начини, односно според различни својства. На пример, слики и тела (дводимензионални и тродимензионални форми), фигури со прави или заоблени страни, форми со три или четири страни, и сл. Искористете ги групираните фигури за да зборувате за својствата на секој вид фигури одделно. Побарајте од учениците да опишат на што личи секој вид од фигурите. На пример, круговите се заоблени форми, триаголниците имаат три прави страни…
Групирањето можете да го проширите и на следниот начин: групирање фигури што имаат рамни страни/површини, а ги има во околината, односно во секојдневното опкружување. Имајте на ум дека триаголниците обично најтешко се наоѓаат. Од учениците побарајте да соберат слики од предмети, како што се покривки, шалови, черги итн. (правоаголници и квадрати), цедиња, тркала, монети итн. (кругови), марамчиња, страниците на календар, цеде-кутии/капаци, рамки за слики итн. (квадрати) и обетки, подни дизајни, плочки, логоа на маици итн. (триаголници). Сообраќајните знаци исто така можат да послужат за прикажување на основните видови на геометриски слики. Изложете ги во училницата сликите или објектите со најразлични форми.
Карактеристиките на фигурите можете да ги искористите и за за да ги утврдите равенствата со делење и множење. На пример: Покажете картичка со триаголник. Поставете прашање колку страни има во 3, 5 и 10 триаголници. Или, пак, прашајте: Има неколку триаголници и вкупно 27 страни. Колку триаголници има? Повторете со различни фигури и броеви.
Движење и местоположба
Учениците учат да опишат местоположба и да даваат насока со употреба на зборовите горе, долу, околу, преку, под итн. На ова ниво движењето и местоположбата се дел од секојдневието. Сепак, тоа е добра подготовка за понатамошна работа во геометријата, на пример во трансформации: лизгалки (транслација), вртелешки (ротација), одрази, осна симетрија итн.
Утврдете ја употребата на предлозите за место со тоа што од учениците ќе барате да ја опишат местоположбата на даден (посочен) предмет со употреба на зборовите: на, во, зад, под, до итн. Ова можете да го вежбате со помош на картичките за местоположба.
Со учениците излезете надвор. Поставете им пречки за да се движат над, под, околу или низ нив. Поделете ги учениците во два тима. По еден ученик од секој тим преминува една пречка. Како што завршува еден, така почнува следниот ученик. Остатокот од тимот треба да го охрабрува ученикот со тоа што ќе му дава насоки кои ги чита од картичките за местоположба.
Учениците нека работат во групи од по тројца ученици. Една група нека ги кажува упатствата за местоположбата. Поделете пет картички на останатите ученици во одделението. Нека ги прочитаат еден по еден картичките наглас. На секој збор групата што демонстрира нека го изврши упатството и нека каже кој се наоѓа во таа положба. На пример: Некој може да прочита „над“. Учениците од групата што демонстрира можат да ги стават рацете една врз друга и да кажат: Раката на Марко е над раката на Ана и сл.
Осигурете се дека учениците разбрале дека местоположбата е релативна, не апсолутна. На пример, кога имате наредено тули, некои од нив се под, а други над во однос на другите. Затоа прашањата во врска со местоположбата поставувајте ги со посочување на референтна точка, на пример: Што има под масата? Што има над креденецот? Ако ги наредам вака книгите, која е најгоре? Ако ги преместам вака, која е најгоре? итн.
Мерки и спротивности
За воведување на терминологијата за спротивности и мерки, користете ги картичките за спротивности. Од двете страни на секоја картичка се претставени спротивни поими, како на пример: горе-долу, големо-мало, долго-кратко, тешко-лесно, силно-слабо итн. При совладување на вие поими на спротивности важно е да им помогнете на учениците да сфатат дека нештата можат да бидат истовремено и големи и кратки или и долги и мали. Исто така, корисно е да го изолирате (издвоите) концептот на линеарна мерка преку споредување на слични предмети, како што се долги и кратки стапчиња или линијари, отколку да споредувате долго здолниште со краток молив. Концептот „висок“ е исто така важен за разбирање на должината и височината. Учениците треба да разберат дека „височина“ е должина што се мери од врвот до дното (или обратно). Не се очекува формално да го извршат мерењето, туку да направат визуелна процена, со цел да се споредат и да се подредат должините.
Концептите на широк и тесен, или дебел и тенок, можат да се изучуваат на ист начин како и други спротивности (големи и мали, кратки и долги). Во суштина, децата сè уште се занимаваат со концептот на линеарни мерки, но тие треба да го развиваат речникот и да зборуваат за различни аспекти на ова поле.
Со цел да се развие концептот за зафатнина (волумен), учениците треба да ги разберат поимите „полн“ и „празен“. Исто така, тие треба да бидат способни да споредат количества содржани во садот (кантичката) и да го развијат концептот дека садот може да биде полн, празен и во повеќе случаи – помеѓу.
* Празните картички можете да ги употребувате и за варијанти на овие активности, или пак за нови. На празните картички се пишува со обичен фломастер или маркет за табла (внимавајте само да не е перманентен маркер), а се брише лесно, со обично хартиено марамче, ткаенина или сунѓерче, па и со рака.
***
Доколку сакате да дадете придонес со ваш предлог за практички активности или имате друга корисна идеја за примена на картичките и сакате да ја споделите, пишете ни на obrazovanie@literatura.mk.
You must be logged in to post a comment.