Примена на бројни картички 1-20

Бројни картички 1-20

За практична реализација на наставата во училницата, како и за вежбање математика дома, со помош на родителите.

Бројни картички 1-20
Бројни картички 1-20

Еден комплет бројни картички 1-20 содржи:

  • Илустрирани картички со броеви од 1 до 20
  • Картички со симболи за математички операции (собирање и одземање)
  • Картички со точки (за процена)

ИДЕИ ЗА ПРАКТИЧНА РАБОТА И УМСТВЕНИ ВЕЖБИ

Картички со броеви 1-20

Картичките со броеви најпрвин можете да ги употребите за утврдување на броевите до 20. Од едната страна на картичките има слика од пчелички (или точки), а од другата е запишан нивниот број, претставен преку цифра и збор.

Измешајте ги картичките и ставете ги во коверти или кутии (бројот на картички по коверта зависи од бројот на учениците и комплетите картички што ги имате набавено; може да биде доволно и само една картичка по ученик). Разделете ги ковертите на учениците и од нив побарајте да ги подредат броевите од ковертите по редослед (растечки или опаѓачки – во зависност од тоа како ќе ги поставите барањата). Овие картички можете исто така да ги користите и за да ги групирате броевите во парни и непарни броеви, потоа броеви поголеми и помали од 10 и слично.

Играјте „Погоди го бројот“ со целото одделение или во групи. Изберете една картичка од комплетот и не ја покажувајте на учениците. Кажувајте информации за бројот (ова варира во зависност од она што сте учеле). На пример: Бројот е меѓу 4 и 8, непарен број е, тој е за 2 помал од 9. Учениците треба да го погодат бројот и да го запишат. Ова може да варира со тоа што ќе им дозволите на учениците да поставуваат прашања за бројот што сте го избрале.

Играта можете да ја прилагодите и на следниов начин: Учениците еден по еден нека избираат двоцифрен број од картичките. Потоа секоја од групите наизменично поставува прашања за да го погоди бројот. Ученикот кој го задал бројот може да одговара само со „да“ или „не“.

Прикажувајте картички со броеви. Поставувајте ги следните прашања:
• Кој број е за еден повеќе (поголем) од дадениот?
• Кој број е за еден помалку (помал) од дадениот?
• Кој број е пред дадениот?
• Кој број е по дадениот?

Како што учениците повеќе се усовршуваат, така ќе морате де се уверите дека можат да работат со мешовити групи и да го идентификуваат бројот на елементи во какво било множество, без разлика дали е раширено, уредено или згуснато – овој концепт на зачувување (одржување) на бројот е многу важен. На пример, можете да играте игри каде што учениците „грабнуваат“ неколку камења, а потоа кажуваат колку земале. Проверката можат да ја направат сами откако ќе ги избројат. Продолжете да работите во тој стил со учениците, сè додека не бидете сигурни дека можат (знаат) да бројат по ред, дека ги препознаваат и можат да ги именуваат броевите од 1 до 10, дека имаат концепт за овие броеви и ги разбираат.

Разделете ги картичките со броеви по случаен избор на различни ученици. Учениците нека се наредат по соодветниот редослед (согласно редните броеви на картичките што ги добиле). Поставувајте прашања, како следниве:
• Кој е петти во редот?
• Кој по ред е Марко?

Учениците нека бројат (кажуваат броеви) на глас, а вие редете ги соодветните картички, за да ги утврдите броевите до 20. Потоа пробајте обратно – вие бројте, а тие нека ги редат картичките.

Дајте му на секој ученик картички на коишто се испишани последователни пет броја (на пример, 10-14 или 15-19). Тој или таа треба да ги измеша, а потоа да ги подреди по големина. Учениците нека работат во парови, при што еден ученик би извадил (скрил, отстранил) една картичка без да ја покаже на другиот ученик. Другиот ученик треба да ги подреди картичките по големина и да каже кој број недостига. Ова можете да го отежните со отстранување на две, а потоа на три картички (една по една или наеднаш).

Пишувајте ги броевите од 10 до 20 и притоа имајте на ум дека на почетокот учениците можат и да не го погодат редоследот на цифрите (на пример, наместо 15 да пишуваат 51). Броевите треба да останат видливи (на ѕидовите) во училницата. Дајте насоки за пишување броеви за да ги поттикнете броењето и подредувањето на броевите. На пример:

• Запиши го бројот што е по 14.
• Запиши го бројот што е по 16.
• Запиши го бројот меѓу 10 и 12.

Подгответе неколку „целни“ броеви од комплетот картички, на пример, 9 и 10, или 14 и 18. Учениците нека напишат колку што можат повеќе пресметки за да стигнат до секој од тие броеви. Имате можност да се фокусирате и на конкретна математичка операција. На пример, напишете колку што можете повеќе изрази што се однесуваат на операцијата собирање за да го добиете бројот или, пак, оставете им на учениците преку различни операции да го добијат бројот.

Играјте игри за „меморија“ со бројните картички. Измешајте ги картичките и наредете ги, превртени надолу со броевите кон масата, а учениците еден по еден превртуваат по две картички. Ако тие се еквивалентни, учениците ги тргаат настрана и добиваат по еден поен. Доколку не се, повторно ги враќаат картичките превртувајќи ги надолу со броевите кон масата и на ред е следен ученик. Играта продолжува сѐ додека не се тргнат сите картички.

Запознајте ги со знаците (симболите) +, – и =. Научете го одделението дека овие знаци се математички симболи што се користат за да се запишат активностите во пократка форма. Дајте ѝ на секоја група картички на кои ќе бидат испишани +, – и =. Дозволете им да користат камчиња или друг вид бројаници за да ги моделираат збировите. Тие мораат да одлучат каде стојат +, – и =. Проверувајте дали учениците го прават ова точно.

Играјте игри преку кои ќе ги утврдите равенствата со собирање и одземање и „еквивалентните“ форми за истите пресметки. На пример:

Равенствата нека ги прикажат со помош на картичките со броеви и картичките со симболи за математички операции. Адаптирајте ги овие активности и за броеви до 20.

За пресметки што вклучуваат собирање и одземање, можат да се употребат стратегии за полесно да се собира и одзема. Сепак, можеби учениците ќе се држат до помалку ефикасните методи или, пак, ќе употребуваат сопствени методи. Дозволете им да ги употребуваат и сопствените методи, иако се разликуваат од вашите.

Употребете неколку картички до определен број (зависно од нивото и материјалот кој сте го поминале). Кажете им на учениците дека броевите претставуваат цени на некои производи и дека има попуст, односно сѐ е на половина цена. Прашајте ги колку би чинел секој предмет со попустот.

Оваа активност може да варира на следниов начин: нека пресметаат колку треба да платат ако сакаат да купат два идентични производа од некој предмет, нека го пресметаат удвојувањето на секоја од цените.

Тестирајте ги вештините за слушање и за флуентност во пресметувањето преку читање инструкции. Учениците можат да ги забележуваат, па да го запишат одговорот и да кренат рака кога ќе го имаат истиот одговор што вие го читате како точен. Приспособете ги задачите според нивото на одделението и материјалот што сте го поминале. Еве неколку примери:

tabela primer 1-20
Извлечете една картичка и кажете им на учениците: „Ова е бројот 3, удвојте го“. Потоа додадете собирање и одземање, на пример: „Сега на тој број додадете (или одземете) 1 (или 10)“. Потоа модификувајте ја задачата, на пример: „Ќе кажам еден број. Вие на него додадете 1, а потоа добиениот збир удвојте го“.

Направете го пресметувањето онака како што слушате. На пример, почнете со 2, удвојте, додадете 10, одземете 1, па додадете 3 и на крајот најдете го бројот што е за 10 помал.

Дајте ги одговорите, а учениците нека пресметуваат за да го добијат резултатот. Кажете ја операцијата. На пример, користејќи ја операцијата собирање се добива збир 16. Посочете два броја што го исполнуваат овој услов. Зголемете го бројот на броеви, како и броевите, на пример одговорот е 32. Посочете два броја што го исполнуваат овој услов.

Картички со точки

Иако овие картички се првенствено наменети за утврдување на процена и заокружување, можете да ги примените и за активностите предложени претходно, а се однесуваат на картичките со броеви од 1 до 20. Во продолжение ви предлагаме уште неколку дополнителни активности за картичките со точки.

Покажете ги картичките (од страната со точки), а учениците нека проценат колку точки има на картичките. Поразговарајте врз основа на што ја направиле процената. На пример, точките се приближно по пет во група, а има три групи и мислам дека се вкупно 15. (Можеби е подобро да ги покажете картичките само на неколку секунди, а потоа да ги тргнете за да ја избегнете можноста учениците да бројат. Потсетете ги дека од нив барате да проценат, а не да избројат.)

Изберете една картичка од комплетот (бројот нека зависи од нивото на учениците, но започнете со помали броеви). На пример, 8. Прашајте како можете да поделите 8 работи во 2 еднакви групи? По колку работи ќе има во секоја група? Како знаете? Повторете со други мали броеви.

Потоа пробајте со поголеми броеви. На пример, 20. Прашајте ги учениците како можете 20 предмети да ставите во еднакви групи? Колку предмети ќе има во една група? Од каде знаете? Запишете ги групирањата и охрабрете ги учениците да пронајдат колку што можат повеќе можности (2 групи од по 10, 4 групи од по 5, 5 групи од по 4, 10 групи од по 2). Повторете и со други броеви.

***

Доколку сакате да дадете придонес со ваш предлог за практички активности или имате друга корисна идеја за примена на картичките и сакате да ја споделите, пишете ни на obrazovanie@literatura.mk.

Содржината на оваа страница е достапна само за членовите.
Ве молиме најавете се или регистрирајте се за да ја прегледате содржината.

Existing Users Log In

Prove your humanity