Примена на флеш-картички Календар и време

Картички „Календар и време“

За практична реализација на наставата во училницата, како и за вежбање математика дома, со помош на родителите.

Комплет картички „Календар и време“
Комплет картички „Календар и време“

Еден комплет флеш- картички Календар и време содржи:

  • Картички со деновите во седмицата
  • Картички со месеците во годината
  • Картички со годишни времиња
  • Празни картички („пиши-бриши“)*

 

Времето како мерка

Времето е мерка. Сепак, тешко е малите деца да го прифатат тоа и да го изразат со зборови, бидејќи времето е апстрактен поим што не можеме да го допреме, држиме или видиме. Учениците ќе имаат некоја претстава за времето што се однесува на нивните дневни рутини и тие ќе знаат некои зборови поврзани со времето од денот и ноќта. Подредувајќи ги настаните според нивното време на случување, ги наведувате учениците да ги користат термините: пред, подоцна, порано од, подоцна од.

Денови во седмицата

Една мерка за мерење на времето е денот. Додека се мали, некогаш учениците знаат да направат забуна со деновите во седмицата, но сега треба да ги научат и да ги усвојат. За да го извежбате редоследот на деновите во седмицата, употребете ги картичките со денови и со нив вежбајте подредување на деновите, од понеделник до недела. За да го утврдат и редоследот на деновите во седмицата по реден број, користете ја задната страна од картичките, и вежбајте ги по измешан редослед (на пример: 2 – вторник; 5 – петок; 7 – недела; 3 – среда итн).

Оваа активност е за работа во група или со целото одделение и ќе ви бидат потребни неколку комплети флеш-картички за време. Картичките поделете ги на учениците така што секој да добие по една картичка (изговарајте ги имињата на деновите во неделата и секогаш покажувајте ја картичката пред да ја дадете на некој ученик), а потоа кажете им да се групираат во групи што ќе се состојат само од деца кои имаат картичка со исто име на денот од седмицата. Кажувајте ги по ред имињата на деновите од седмицата. Како што го кажувате денот, така таа група деца кои имаат картички со името на кажаниот ден нека мавтаат со рачињата. Ова повторете го неколкупати.

Поразговарајте со учениците за деновите од седмицата. Поставувајте прашања како на пример:

  • Колку денови има во седмицата?
  • Кој е првиот ден од седмицата?
  • Кој ден е денеска?
  • Кој ден беше вчера?
  • Кој ден ќе биде утре?
  • Кој ден имаме/одиме на … англиски, балет, пливање?

Извлечете картичка, на пример петок. Прашувајте:

  • Кој е денот пред петок? А кој по петок?
  • Кој ден ќе биде два дена по петок?
  • …итн.

Месеци во годината

Слични активности можете да изведувате и за утврдување на редоследот на месеците. Употребете ги картичките со месеци и подредувајте ги, од јануари до декември. За да го утврдите и редоследот на месеците во годината по реден број, користете ја задната страна од картичките, и вежбајте ги по измешан редослед (на пример: 3 – третиот месец во годината е март; 7 – јули; 5 – мај; 12 – декември итн).

Вежбајте и утврдете го ова со учениците, преку следните прашања:

  • Кој е првиот месец во годината?
  • Кој е последниот месец од годината?
  • Во кој месец сте родени?
  • Кој месец е?
  • Кој месец беше претходниот?
  • Кој ќе биде следниот месец?
  • Кој месец е помеѓу јуни и август?
  • Како се вика месецот по март?

Годишни времиња

Со помош на картичките со годишни времиња, разговарајте со учениците околу тоа што се случува во секое годишно време, на пример, во зима врне снег, во пролет расте тревата… Потоа годишните времиња поврзете ги и со месеците. Откако ќе им го објасните тоа, усвојте го преку подредување на картичките со месеци под картичките со годишни времиња.

Ден и ноќ

Секој ученик нека каже активност што се реализира или ноќе или во текот на денот. Остатокот од одделението ќе погодува кога се реализира таа активност, дали во текот на денот или во текот на ноќта. Поразговарајте за активности што се случуваат и во текот на денот и во текот на ноќта.

Потоа разгледувајте ги картичките за ден и ноќ. Според активностите прикажани на картичките, учениците нека погодуваат за кој дел од денот станува збор: утро, пладне, вечер…

Вежбајте и утврдете го ова со учениците, преку следните прашања:

  • Во кој период од денот ние правиме … ?
  • Што ни одзема најмногу време: облекување патики или појадување и слично?
  • Кога ние правиме … ?
  • Што правиме пред училиште?
  • Што правиме по училиште?

Временски квиз

Подгответе мал „временски квиз“ за да го утврдите наученото. Ова се неколку едноставни примери на дополнителни предлог прашања:

  • Колку седмици има во една година?
  • Колку денови има во две седмици?
  • Колку месеци има во две години?
  • Кој е шестиот месец од годината?
  • Колку денови има во една година?
  • Кој месец е пред септември?
  • Кој ден е два дена по четврток?
  • Кој е првиот ден од седмицата?
  • Колку седмици има во половина година? Колку седмици има во четвртина година?
  • Кој е најкраткиот месец во годината?
  • По што престапната година се разликува од обичната?
  • …итн.

 

* Празните картички можете да ги употребувате за вежбање делови од денот (преку пишување или цртање). На празните картички се пишува со обичен фломастер или маркет за табла (внимавајте само да не е перманентен маркер), а се брише лесно, со обично хартиено марамче, ткаенина или сунѓерче, па и со рака.

 

***

Доколку сакате да дадете придонес со ваш предлог за практички активности или имате друга корисна идеја за примена на картичките и сакате да ја споделите, пишете ни на obrazovanie@literatura.mk.

 

 

Содржината на оваа страница е достапна само за членовите.
Ве молиме најавете се или регистрирајте се за да ја прегледате содржината.

Existing Users Log In