Активности со помош на календар
За практична реализација на наставата во училницата, како и за вежбање математика дома, со помош на родителите.
Илустриран наставен лист со календар за 2015 година можете да најдете во комплетот работни листови по математика.
Календар 2015
Учениците од секојдневниот живот веќе треба да ги знаат месеците во годината. Но сега треба да го научат редоследот на месеците, како и фактот дека во годината има 12 месеци. Календарот е најдобра алатка во предавањето на деновите и месеците. Користете го календарот за да ги утврдите имињата на месеците, редоследот на месеците во годината и деновите во месецот и во седмицата.
Последните два дена од седмицата (сабота и недела) се викенд. За да избегнете недоразбирања, фокусирајте се на тоа кој ден следува/претходи на даден ден (на пример: вторник е ден по понеделник).
Повторете ги имињата на деновите од седмицата со помош на календарот. Еден по еден покажувајте ги, а учениците нека ги именуваат, на пример: Прв ден од седмицата е…). За да го утврдите познавањето на редоследот на деновите, побарајте учениците да одговорат кој ден е пред/по денот што го кажувате вие.
Употребете голем календар за да ги научите месеците и редоследот по кој тие следуваат. Учениците треба да научат како точно да го кажуваат и да го запишуваат датумот.
Повторете ги редните броеви (прв, втор, трет итн.) со деновите од неделата и месеците од годината.
Поставувајте прашања за да проверите дали го совладале материјалот:
o Кој е првиот ден од седмицата?
o Кој ден е ден пред/по петок?
o Колку денови има во седмицата?
o Кој е првиот месец во годината? Кој е последниот месец од годината?
o Кој месец е помеѓу јуни и август?
o Како се вика месецот по март?
Кажете им на учениците да покажат на календарот во кој месец се родени. Потоа нека ги прочитаат месеците. Поразговарајте што се случува во различни месеци од годината. Можете да прашате:
• Во кој месец почнуваме со училиште?
• Во кој месец од годината е роденденот на … ?
• Кој месец нема да учиме заради Божиќ?
• и слично.
Учениците најчесто имаат тешкотија да запомнат колку денови има секој месец од годината. За да запомнат полесно, можете да најдете некоја стихотворба, песничка за месеците и бројот на денови во еден месец. Или, пак, да им ја демонстрирате употребата на стиснатата тупаница (месеците што се на врвот од зглобот на прстот имаат по 31 ден).
На календарот заокружете почетен и краен датум. Прашајте ги учениците колку денови и колку училишни денови има помеѓу запишаните датуми.
Најдете датуми што се засновуваат на броење по десет (со чекор десет). На учениците поставете им прашања од типот: Ако денеска е втори јуни, кој датум ќе биде по 10 дена? итн.
Поставувајте прашања поврзани со моменталниот датум, на пример:
На почеток на оваа недела запишете ги:
• датумите на наредните четири петоци,
• датумот во сабота,
• датумите на следните три вторника,
• датумот од пред една седмица.
***
Доколку сакате да дадете придонес со ваш предлог за практички активности или имате друга корисна идеја за примена на картичките и сакате да ја споделите, пишете ни на obrazovanie@literatura.mk.
You must be logged in to post a comment.