Материјали за учење од дома
МАТЕРИЈАЛИ ЗА РЕАЛИЗАЦИЈА НА |
ВАЖНО: Текстовите главно се наменети главно за родителите за да можат да им помогнат на своите деца во објаснување на предвидените наставни единици.
Дадените наставни листови се предвидени да се решаваат самостојно од страна на учениците. Може да се испечатат, но може да се решаваат и во тетратка.
ТЕМА 4. Разгледување карпи
КАРПИ
Од највисоките планини, па сè до најдлабоките океански ровови, нашата Земја е карпеста планета. Постојат илјадници различни карпи и минерали на и во Земјата. Во историјата стара 4,5 милијарди години, овие карпи биле трошени (абени) од времето, растенијата и животните, менувани и повторно оформувани во нови и поинакви видови карпи и почви. Процесите на формирање и ерозија на карпите се постојано активни. Како што ги рециклираат карпите, овие процеси помагаат да се формира пејзажот што го гледаме денес. Најдобар начин да се научи за карпите е повнимателно да се погледнат што е можно повеќе карпи – камчиња на плажа или камења од градината се добра почетна точка, како и професионалните минерални сетови.
Учениците би требало да ги препознаваат честите карпи и нивната примена, користејќи речник поврзан со нивната големина (камен, камче, зрно итн.) и препознавајќи карактеристики како што се боја, текстура, тврдост, пропустливост и порозност.
Карпите се разликуваат меѓу себе. Некои, како што е песочните карпи, имаат рапава текстура. Имаат мали зрнца кои лесно може да се откинат. Други, како гранитот, се многу цврсти и тврди. Тие имаат делчиња наречени честички со различна големина и бои. Варовникот и мермерот се бели карпи. Кредата е еден вид варовник. Таа е мека.
ВИДОВИ КАРПИ
1. Вулкански карпи
Вулканските карпи се формираат кога растопените карпи излегуваат од внатрешноста на Земјата. Вулканските карпи (како базалт, опсидијан и пемза) брзо се ладат и имаат мали кристали, додека плутонските карпи (како гранит и долерит) бавно се ладат и имаат поголеми кристали. (Кога растопените карпи се под земја ги нарекуваме магма, а кога ќе излезат на површина ги нарекуваме лава.)
2. Седиментни карпи
Овие претставуваат нови карпи формирани од старите и се изградени од слоеви на мали честички или седименти од други карпи. Овие седименти, повлечени од потоците и реките, се таложат во слоеви и се комбинираат со растителни и животински остатоци. Седиментните карпи, како што се шкрилецот, варовникот и песочникот, се оние во кои има најголема веројатност да најдете фосили. Друг чест вид на седиментни карпи се нарекува конгломерат. Тука, поголеми камчиња се збиени и цементирани заедно во една грутчеста маса.
3. Метаморфни карпи
Ова се вулкански и седиментни карпи што биле изменети под кората на земјата од страна на топлината и притисокот во нешто ново, на пример шкрилец, мермер, гнајс…
ЗА ШТО СЛУЖАТ КАМЕЊАТА?
Можеби на учениците им се познати алатките од каменото време или, пак, кремените глави од стрели, како и древните знаменитости, како што се египетските пирамиди. Камењата главно се тешки и комплицирани за транспорт, така што локалните градби најчесто се изработуваат од камен што е достапен локално. Останатите употреби на камењата (и минералите) се помалку очигледни. Кварцот се употребува во силициумските чипови на компјутерите и часовниците. Флуоритот и кредата се употребуваат во пастите за заби. Талкот се употребува во козметиката. Пемзата, вулканска карпа, се употребува како козметички абразив. Барутот се изработува од минералот шалитра, дијамантите се употребуваат во заболекарските бургии и, секако, користиме сол за зачинување на храната.
Наставен лист: – Изглед и примена на карпите
ПОЧВИ
Видови почви
- песоклива почва
- плодна почва/хумусна почва
- глинеста почва
Почвата што содржи големи количества песок едноставно се нарекува песоклива почва. Ако почвата содржи поголеми количества глина, таа се нарекува глинеста почва. Почвата што содржи 40% песок, 40% тиња и 20% глина се нарекува плодна почва (песочно-глинеста почва или иловица).
Бидејќи имаат различен состав, различни почви имаат и различни својства: различна големина на честички, различна содржина на вода, содржина на воздух и слично.
Во профил
Доколку ископате доволно длабока дупка во почвата веројатно ќе наидете на три различни слоеви на материјал. Првиот, горниот слој, е плодниот слој што го користиме за садење. Тој може да биде дебел неколку сантиметри до неколку метри. Следниот слој има поголеми делчиња од карпи и многу малку растителен отпад. Конечно, карпестата површина е составена од материјал од којшто се создава најголемиот дел од почвата. Заедно, овие три слоја го формираат профилот на почвата. Во зависност од оригиналната карпеста површина и соодносот на другите составни делови, вашата почва претставува уникатна мешавина.
Презентација: ПРИРОДНИ НАУКИ2 Тема 4 – Почва
Наставен лист: Наставен лист – ПН2 Тема 4 – Како до активен вулкан
ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИ
Каква е внатрешноста на Земјата?
http://resursi.literatura.mk/archives/2656
Дали знаеш дека…?
http://resursi.literatura.mk/archives/1871
! НЕ ЗАБОРАВАЈ ДА ГИ ЗАВРШИШ ВЕЖБИТЕ ОД РАБОТНАТА ТЕТРАТКА!
ТЕМА 5. Ден и ноќ
Насекаде околу нас, оддалечени на огромни растојанија, постојат други сфери; некои се планети, некои се ѕвезди. Огромните групи на ѕвезди се наречени галаксии; нашата е наречена Млечен пат. Најважно тело за нас е нашето Сонце, што воедно е нашата најблиска ѕвезда. Најблискиот сателит до нас е Месечината. Сонцето не се движи; тоа е во центарот на нашиот Сончев систем. Земјата е таа што се движи во однос на Сонцето.
Bo центарот на Сончевиот систем се наоѓа ѕвезда, Сонцето – огромна топка од вжештен гас, што ни дава топлина и светлина. Околу Сонцето се планетите; научниците сега мислат дека постојат осум планети во нашиот Сончев систем
подредени околу Сонцето во центарот.
- Четирите внатрешни планети се познати и како терестрични планети и се изградени од карпи и од метал. Тие се Меркур, Венера, Земја и Марс.
- Надворешните планети се многу поголеми и се составени од гасови и тие се Јупитер, Сатурн, Уран и Нептун. Овие планети ги нарекуваме гасовити џинови.
Науката се менува како што учиме повеќе и во 2008 година, Плутон, што дотогаш беше планета, се рекласифицира како џуџеста планета. Постојат уште четири други џуџести планети: Церес, Ерис, Маке-Маке и Хумеа.
Постои и астероиден појас што лежи помеѓу орбитите на Марс и Јупитер. Тој е составен од огромен број астероиди со неправилна форма.
ВО ОРБИТАТА
Планетите и астероидите патуваат околу Сонцето во речиси кружна патека наречена орбита. Која планета треба да помине најдолг пат? Која има најмала орбита?
Илјадници години луѓето верувале дека Земјата е центарот на универзумот. Астрономите како Алхазен ибн ал-Хајтам, Никола Коперник, Галилео Галилеј, Јохан Кеплер и Исак Њутн помогнале да се објаснат движењата на планетите околу Сонцето во центарот на Сончевиот систем.
Презентација: ПРИРОДНИ НАУКИ 2.5 Приказна за Сонцето
Наставен лист: Планетите во нашиот Сончев систем
ДЕН И НОЌ
Ние живееме на една сферична планета наречена Земја што постојано се врти и се движи низ вселената. Земјата не само што кружи околу Сонцето туку таа исто така
и се врти (ротира) и околу сопствената оска. Земјата ротира околу себе еднаш дневно, доведувајќи нè пред сончевата светлина еднаш на секои 24 часа. Кога делот
од Земјата во кој сте вие е свртен кон Сонцето – тогаш е ден; кога е свртен од спротивната страна – тогаш е ноќ.
Еве една едноставна активност што можеш да ја направиш и дома.
Наставен лист: – Ден и ноќ
ДЕНОВИ, НЕДЕЛИ, МЕСЕЦИ И ГОДИНИ
Нашата планета се движи и околу Сонцето, патувајќи околу него еднаш секоја година. Движењето е по елипсовидна патека која се нарекува орбита.
Земјата во својата орбита не се движи исправено, туку е накосена 23,5 степени. Косината е речиси секогаш во ист правец, така што Северниот Пол секогаш е во правец на ѕвездата Северница.
Нашиот календар е направен во зависност од движењата на Земјата околу Сонцето и Месечината околу Земјата. Земјата се движи околу својата оска (замислена накосена линија што минува низ половите) и исто така се движи низ огромна орбита околу Сонцето. Месечината се движи во помала орбита околу Земјата.
Ден претставува просечно време што u е потребно на Земјата да ротира еднаш околу себе во однос на Сонцето. Денот го делиме на 24 часа, секој час на 60 минути и секоја минута на 60 секунди.
Месечината орбитира околу Земјата секој месец. Бидејќи и Месечината ротира околу себе еднаш секој месец, секогаш една иста страна е свртена кон нас. Таа изгледа дека ја менува својата форма бидејќи е осветлена од Сонцето и димензиите на нејзините сенки се менуваат.
Еден месец првично претставувал време помеѓу две млади месечини. Сонцето ја осветлува Месечината, а млада Месечина е периодот кога Месечината е помеѓу Сонцето и Земјата, така што онаа страна од Месечината што е свртена кон нас е сосема неосветлена. Ова се случува секои 29,5 дена. Низ времето, дефиницијата за месец била сменета и сега имаме 12 месеци во една година со мала варијација во нивната должина.
Една година претставува време што u е потребно на Земјата да ја помине еднаш орбитата околу Сонцето. Трае околу 365,25 дена. Должината на една година е заокружена на цел број денови и поради тоа имаме три последователни години од по 365 дена, по кои следува „престапна година“ од 366 дена.
ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИ
Дали знаеш дека…?
http://resursi.literatura.mk/archives/2076
! НЕ ЗАБОРАВАЈ ДА ГИ ЗАВРШИШ ВЕЖБИТЕ ОД РАБОТНАТА ТЕТРАТКА!
Тема 6: Растенија и животни околу нас
Презентација: ПН Тема 6 Рециклирање
Наставни листови:
Наставен лист – ПН2 Тема.6 Живеалишта
Наставен лист – ПН2 Тема.6 Рециклирање и отпад
Наставен лист – ПН2 Тема.6 Временска листа
You must be logged in to post a comment.