Материјали за учење од дома

МАТЕРИЈАЛИ ЗА РЕАЛИЗАЦИЈА НА
НАСТАВНАТА ПРОГРАМА НА ДАЛЕЧИНА ПО ПРЕДМЕТОТ ПРИРОДНИ НАУКИ 5 ОДДЕЛЕНИЕ

 

ВАЖНО:  Најголем дел од материјалот е преземен од Прирачникот по природни науки за 5 одделение (за помош во учењето и подготовка за тестирања и натпревари), а наставните листови од Вежбанката со наставни листови по природни науки за 5 одделение.

Во овој период на изолација, изданијата можат да се нарачаат онлајн со 30 % попуст на линкот: https://www.literatura.mk/ListBooksforCategory.aspx?cat=155&displayName

Дадените наставни листови се предвидени да се решаваат самостојно од страна на учениците. Може да се испечатат, но може да се решаваат и во тетратка.

 

 

ТЕМА 5 – Животен циклус на цветните растенија

 

По изучување на оваа тема, од учениците се очекува да ги постигнат следниве цели:
  • Знае дека растенијата се размножуваат
  • Набљудува дека растенијата создаваат цветови кои имаат машки и женски органи; дека семињата се формираат кога поленот од машкиот орган го оплодува јајцето во женскиот орган (толчникот).
  • Знае дека инсектите вршат опрашување на некои цветови.
  • Набљудува како семињата може да бидат расејани на различни начини.
  • Препознава дека цветните растенија имаат животен циклус кој вклучува опрашување, оплодување, создавање семе, расејување на семето и `ртење.
  • Врши релевантни набљудувања. 
  • Претставува резултати во столбести дијаграми и линиски графикони.
  • Одлучува дали резултатите ги поддржуваат претпоставките.
  • Користи набљудување и мерење за да ја провери претпоставката и направи врска.
  • Идентификува фактори кои треба да бидат земени предвид во различни контексти.

 

ГРАДБА НА РАСТЕНИЕ

Знаеш и дека најголемиот број растенија имаат корен, стебло, лист, цвет и плод (во кој има семиња). За да се потсетиш на нив и нивните улоги, реши го наставниот лист.

Наставен лист – Градба на растение

 

Зошто растенијата имаат цветови?

 Многу растенија имаат цветови. Постојат многу различни видови цветови.

 

Цветот не служи само за да изгледа и мириса убаво. Цветот е од особена важност за растението! Тој служи за размножување на растението. Тој ги содржи машките и женските органи за размножување.

 

Кога растението создава цветови, тие обично траат само неколку денови. Потоа тие свенуваат и отпаѓаат од растението. Сепак, дел од цветот останува на растението. Тој дел се претвора во плод. Семињата се создаваат во плодот. Семињата израснуваат во нови растенија. Новите растенија растат и  создаваат цветови што ќе формираат нови плодови и семиња. На тој начин цветовите му помагаат на растението да се размножува и да создаде нови растенија.

 

Прашања

  1. Препиши ги во тетратка и дополни ги следните реченици.
    Цветовите им служат на растенијата како ____________ за   _____________.
    Растенијата создаваат ____________ што стануваат плодови. Плодовите содржат ____________.
  1. Зошто најчесто не можеме да најдеме цветови и плодови во исто време на дрво од праска?

 

ГРАДБА НА ЦВЕТ

 

Цветот има прашници и толчник. Тоа се машките и женските органи за размножување на цветот.

Погледни внимателно некој голем цвет. Нацртај што можеш да забележиш однадвор. Цртај гледајќи одозгора навнатре. Внимателно скини ги чашкините, па венечните ливчиња од цветот. Погледни ги внатрешните делови.

 

Еден дел се издигнува малку повисоко од другите. Тоа е женскиот орган – толчник. Изграден е од устенце, столпче и плодница.

Околу толчникот се машките делови – прашници. Прашникот е изграден од долг прашнички конец на кој се поставени прашничките кеси. Прашничките кеси произведуваат поленови зрна (полен).

 

Наставен лист – Градба на цвет

 

ОПРАШУВАЊЕ

Изглед на поленови зрна од различни видови растенија.

 

Привлечни за инсекти

 

Некои цветови ги привлекуваат  инсектите со нивните големи, разнобојни венечни ливчиња. Некои растенија привлекуваат со нивната миризба. Инсектите го  пијат слаткиот нектар. Лепливиот полен се закачува за инсектот.
Кога инсектот ќе одлета на друг цвет, му пренесува дел од поленот.

Молците ги опрашуваат цветовите ноќе. Што мислиш, какви видови цветови опрашуваат тие?

Наставен лист – Опрашување

Наставен лист – Истражување на опрашувањето

 

ПО ОПРАШУВАЊЕ, НАСТАНУВА ОПЛОДУВАЊЕ

 

РАСЕЈУВАЊЕ НА СЕМИЊАТА

Откако растението ќе ги формира своите семиња во плодникот и тој ќе прерасне во плод, растението треба да ги разнесе наоколу семињата, односно да ги распространи (расее).

 

Некои семиња имаат боцки со кои се закачуваат за човекот или животните и така се расејуваат подалеку од родителското растение.

 

 

Семињата што се расејуваат со помош на ветер се лесни и лесно можат да патуваат низ воздухот.
Кокосот и некои други тропски растенија имаат сунѓерести семиња што можат да пловат по водата и така се расејуваат.
Некои плодови распукуваат (експлодираат) и далеку ги расејуваат нивните семиња (снимка во природа и снимка во лабораторија).

 

Наставен лист – Расејување на семиња 1 и 2

 

СЕМИЊА

Дали некогаш си голтнал семе (семка) додека си јадел јаболко или портокал? Семињата ги наоѓаме во плодовите. Плодовите и семињата можат да бидат со различни димензии и форми.

 

Запознај се со семињата

Собери повеќе различни плодови и семиња. Погледни ги внимателно. Употреби лупа. Кои карактеристики ти укажуваат за начинот на расејување на семето? Дали семето се јаде? Дали е лесно? Дали може да плови? Идентификувај повеќе невообичаени семиња и начини на кои родителското растение ги распространува.

 

Што има во семето?

Дали семињата се живи? Семињата можеби изгледаат мртви, но не е така.

Семето е обвиткано и заштитено со семена обвивка. Има и белег каде што семето било поврзано со плодот. Семињата израснуваат во нови растенија. Во семето се наоѓа мало растение (ембрион) што почнува да расте во оној момент кога ќе му се обезбеди сè што му е потребно.

Семето има сопствена резерва за храна – котиледони. Таа се користи за да израсне првиот корен, а потоа и стебленцето што прераснува во ново растение.

За да го почне својот живот, семињата на растенијата немаат потреба од  светлина, ниту да произведуваат храна. Светлината му е потребна на растението подоцна, кога ќе се појават листовите. Поради ова семињата можат да изртат под земја.

 

 

  • Погледни внимателно едно семе од грав. Тоа е сместено со неколку други семиња во плодот на гравот што се нарекува мешунка.

Нацртај го семето! Излупи ја обвивката со ноктите. Внатре има две ембрионални ливчиња (котиледони). Раздели ги со твојот нокот. Што можеш да забележиш? Го гледаш ли ембрионот? Дали и другите семиња се исти?

Прашања

  1. Зошто на семето му е потребно складирана храна?
  2. Зошто на семето му е потребна семена обвивка?
  3. Што мислиш дека му е потребно на семето за да почне да расте?

 

Наставен лист – Семиња

 

 

Никнување на семе од грав и од пченица. Од семето прво расте коренчето (надолу), па стебленцето со првите листови (нагоре).

 

Наставен лист – Како растат семињата 

Наставен лист – Колку семиња изртија?

 

ЖИВОТЕН ЦИКЛУС КАЈ РАСТЕНИЈАТА

 

Како преживуваат видовите

Секој жив организам, растение или животно, има потреба да се размножува. Доколку не се случи тоа, видовите сосема ќе изумрат. Тие ќе бидат истребени.

Како се раѓа, живее и умира едно растение?

Од семето никнува корен, а потоа и стебленце што прераснува во изданок. Изданокот расте во растение што создава цветови. Цветот се опрашува и поленот го оплодува семеновиот зачеток. Растението создава плод и семиња. Семињата се расејуваат и изртуваат во изданоци и циклусот почнува одново. Без семињата нема да постојат нови растенија. Без цветовите, нема да постојат плодови или семиња! Ова е животен циклус кај растенијата.

 

Прашање

  1. Зошто животниот циклус го цртаме во круг?

На следните слики се прикажани животните циклуси на растенијата грав, крин и јаболко.

 

 

 

 

Наставен лист – Животен циклус на растенијата 1 и 2

 

ДА ПОВТОРИМЕ ШТО НАУЧИ
  • Цветовите имаат четири главни дела: зелени чашкини ливчиња што ја заштитуваат цветната пупка, обоени венечни ливчиња што привлекуваат инсекти, машки органи за размножување (прашници) што создаваат полен и женски органи за размножување  (толчник) што содржи семенови зачетоци.
  • Со опрашувањето, поленот од прашникот се пренесува на устенцето на цвет од ист вид растение.
  • Цветовите што се опрашуваат со помош на инсекти имаат светлообоени, миризливи венечни ливчиња и нектар.
  • Цветовите што се опрашуваат со помош на ветер имаат малку боја, немаат венечни ливчиња или миризба и имаат многу полен.
  • Одредени инсекти опрашуваат одредени видови цветови. Пчелите, пеперугите, бубачките и осите се некои од инсектите што опрашуваат цветови.
  • Оплодувањето настанува кога поленот и семеновите зачетоци се спојуваат во плодницата. Оплодените семенови зачетоци стануваат семиња, а плодницата плод.
  • Плодот ги заштитува семињата во него и помага во нивно расејување.
  • Семињата треба да се расејуваат за да си обезбедат доволно простор, вода и светлина за да пораснат во нови растенија.
  • Семињата можат да се расеат на различни начини (со ветер, вода, животни или распукување).
  • Животните ги расејуваат семињата преку нивниот измет, со носење на семињата на нивните крзна и со нивно закопување.
  • Семињата што се расејуваат со помош на ветер се лесни и суви, што им помага полесно да бидат разнесени.
  • Семињата што се расејуваат со помош на вода пловат сè додека не се исфрлат на брегот.
  • Некои мешунки распукуваат за да ги расеат своите семиња.
  • На семињата не им се потребни истите услови за раст како на растенијата (не им треба да произведуваат храна и немаат потреба од светлина)
  • Семињата се наоѓаат во плодовите.
  • Ембрионот во внатрешноста на семето израснува во ново растение. Семињата се покриени со семена обвивка. Семињата содржат складирана храна.
  • Семето почнува да ’рти доколку условите се поволни и ембрионот е жив.
  • Складираната храна му обезбедува енергија на семето потребна за ’ртење.
  • Семињата апсорбираат/впиваат вода за да почнат со ’ртење.
  • Најпрвин расте главниот корен надолу, а потоа младиот никулец кој расте нагоре.
  • Растението го почнува животот како семе. Тоа ’рти и прераснува во растение. Возрасното растение создава цветови што се опрашуваат и се оплодуваат за да произведат семиња во плод. Семињата се расејуваат и изртуваат за да формираат нови растенија.

Тест – Тест за проверка на знаењата за тема 5: Животен циклус на цветните растенија

 

Дали знаеш дека…
  • Поленот на повеќето растенија е запалив. Тој се пали и експлодира на топла површина!
  • Просечното поленово зрно е помало од ширината на едно човечко влакно!
  • Едно растение може да испушти и до милијарда поленови зрна.
  • Милион семиња од цветот на орхидејата имаат маса помала од еден грам.
  • Семињата на сусамот пукаат кога ќе созреат.
  • Научниците успеале да израснат растение од семе на лотос старо 10 000 години.
  • Џорџ де Местрал, пронаоѓачот на „велкро“ (текстилни лепенки), ја добил идејата од куките на некое семе.

ТЕМА 6 – Истражување на растот на растенијата

Наставен лист – Истражување на ’ртењето 1 и 2

Наставен лист – Што им е потребно на растенијата за да растат

 

6.3 РАСТЕНИЈАТА И СВЕТЛИНАТА

На растенијата им треба сончева енергија за добро да растат. На растенијата им треба сончева енергија за да произведат храна во нивните листови.

Наставен лист – Истражување на растот на растенијата

Наставен лист –  Фотосинтеза

 

ТЕСТ –  Тема 6: Истражување на растот на растенијата

 

Содржината на оваа страница е достапна само за членовите.
Ве молиме најавете се или регистрирајте се за да ја прегледате содржината.

Existing Users Log In