Примена на бројни картички 0-100
За практична реализација на наставата во училницата, како и за вежбање математика дома, со помош на родителите.
Еден комплет бројни картички 0-100 содржи:
- Картички со броеви од 0 до 100
- Картички со симболи за математички операции
- Празни картички („пиши-бриши“)*
ИДЕИ ЗА ПРАКТИЧНА РАБОТА И УМСТВЕНИ ВЕЖБИ
Картичките со броеви најпрвин можете да ги употребите за утврдување на броевите од 0 до 100. Броевите на картичките се претставени преку цифра и преку збор. Во комплетот се содржани и картички со симболи за математички операции (собирање, одземање, множење и делење), а покрај симболот за „еднакво“, дадени се и симболите за „помало“ и „поголемо“.
На групите дајте им флеш-картички со 10 броеви, на пример, од 20 до 30 или од 55 до 65, што не се по редослед. Побарајте да ги подредат во редослед во дадениот опсег, а потоа да ги прочитаат броевите нанапред и наназад. Истото повторувајте го со различни броеви и постепено зголемувајте го опсегот.
Секој од учениците нека избере по една картичка и нека го прочита бројот што е прокажан на картичката. Потоа, можете да побарате да го кажат (или да го запишат на празна картичка) бројот што претходи или следува на бројот што го извлекле.
Можете да ги користите овие картички за да го вежбате или тестирате знаењето на имињата на броевите и да ги поврзете со нивните нумерички еквиваленти: учениците нека ги кажуваат броевите што наизменично им ги покажувате. Како што на учениците им стануваат сè појасни броењето и броевите до 100, можете да варирате со картичките и да вклучите подредување и барање број поголем или помал од дадениот, како и броеви што се меѓу дадените броеви. На пример:
- Ова е бројот 23. Напишете го бројот што е за 1 поголем од овој број.
- Ќе ви покажам еден број. Запишете го бројот што е за 1 помал од овој.
- Запишете го бројот што е за 10 поголем/помал од бројот што ви го покажувам.
- Еве два броја. Кој е поголем?
- Еве три броја. Кој е најмал?
- Еве два броја. Напишете број што е меѓу нив.
Одберете двоцифрен број и покажете го. Кажете им на учениците да го прочитаат, да покажат колку десетки, а колку единици има, а потоа да бројат нанапред или наназад, прво по единици, па по десетки од бројот.
Со помош на картичките, составете шест низи од двоцифрени броеви, а притоа од секоја низа да недостига број (празно место). Покажете кон местото на бројот што недостига и оставете на учениците да погодат кој е. Повторете за секој број што недостига.
Изберете пет-шест едноцифрени и двоцифрени броеви (за секоја група ученици или за секој ученик, во зависност од тоа како ќе ги организирате активностите). Измешајте ги и ставете ги во коверти. Разделете ги ковертите на учениците и од нив побарајте да ги подредат броевите од ковертите по редослед (растечки или опаѓачки – во зависност од тоа како ќе ги поставите барањата). Овие картички можете исто така да ги користите и за да ги групирате броевите во парни и непарни броеви, потоа броеви поголеми и помали од 20 и слично.
Изберете една бројна картичка од комплетот и сокријте ја (односно страната со бројот да биде свртена кон вас). Кажувајте информации за бројот (ова варира во зависност од она што сте учеле). На пример: Бројот е меѓу 4 и 8, непарен број е, тој е за 2 помал од 9. Учениците треба да го погодат бројот и да го запишат. Ова може да варира со тоа што ќе им дозволите на учениците да поставуваат прашања за бројот што сте го избрале.
Играјте игра во која учениците треба да учествуваат во кажување на својства за дадениот број. На пример, за бројот 55 можат да ги искажат следните својства: бројот е за 1 поголем од 54, бројот е за 10 поголем од 45, бројот е поголем од 50, бројот е помеѓу 50 и 60, бројот е непарен, бројот се дели со 5, бројот е содржател на бројот 5 (итн.). Очигледно дека ако учениците научат повеќе за броевите ќе можат да искажуваат посложени својства, но на почетокот на годината поставете си цел да можат да изложат три или четири својства за секој број.
Играјте „Погоди го бројот“ со целото одделение или во групи. Учениците еден по еден нека избираат двоцифрен број и нека го запишуваат. Потоа секоја од групите наизменично поставува прашања за да го погоди бројот. Ученикот кој го задал бројот може да одговара само со „да“ или „не“.
Извлечете број од комплетот бројни картички. Учениците нека го заокружат до најблиската десетка. Повторувајте го ова повеќе пати со различни броеви. Доколку има потреба, потсетете ги дека броевите кои завршуваат со цифрата 5 се во средината и тие се заокружуваат на поголемата десетка (на пример, бројот 45 се заокружува на 50, а не на 40).
Изберете неколку двоцифрени броеви од комплетот. Секој од нив учениците нека ги заокружуваат на најблиската десетка. Оваа игра може да варира на следниов начин: вие заокружувајте ги, но погрижете се некои од заокружените вредности да бидат неточни. На пример: 23 → 20; 26 → 20; 41 → 40; 38 → 30; 39 → 40, итн. Побарајте од учениците да ги пронајдат грешките, а потоа и да ги коригираат. Повторете го истото користејќи други броеви.
Запознајте ги со знаците (симболите) +, -, ·, :, =, < и >. Научете го одделението дека овие знаци се математички симболи што се користат за да се запишат активностите во пократка форма. Дајте им на групите картички со вакви симболи. Дозволете им да користат камчиња или друг вид бројаници за да ги моделираат збировите. Тие мораат да одлучат каде стојат секој од знаците. Проверувајте дали учениците го прават ова точно.
За пресметки што вклучуваат собирање и одземање, можат да се употребат стратегии за полесно да се собира и одзема. Сепак, можеби учениците ќе се држат до помалку ефикасните методи или, пак, ќе употребуваат сопствени методи. Дозволете им да ги употребуваат и сопствените методи, иако се разликуваат од вашите.
Подгответе неколку „целни“ броеви од комплетот бројни картички. На пример, 9 и 10, или 14 и 18. Учениците нека напишат колку што можат повеќе пресметки за да стигнат до секој од тие броеви. Имате можност да се фокусирате и на конкретна математичка операција. На пример, напишете колку што можете повеќе изрази што се однесуваат на операцијата собирање за да го добиете бројот или, пак, оставете им на учениците преку различни операции да го добијат бројот. Равенствата можат да ги претстават и преку картичките.
Дајте им „правило“ за да направат низа. Започнете ја низата со тоа што ќе ги наредите првите неколку броеви (бројни картички) и оставете ги сами да ги определат наредните 5. На пример:
Правилото е да додадеш 10: 15, 25, 35, …
Правилото е да одземеш 1: 65, 64, 63, …
Правилото е да го удвоиш бројот: 1, 2, 4, …
Ова може да се адаптира и на тој начин што на учениците ќе им дадете низи, а тие ќе треба да го откријат правилото. На пример:
35, 30, 25 (намали за 5),
55, 65, 75 (зголеми за 10),
58, 61, 64 (зголеми за 3),
2, 4, 8, 16 (удвој, помножи со 2).
Вежбајте удвојување и делење на еднакви делови. Извлечете бројна картичка, па според бројот прочитајте неколку искази. Прашајте ги учениците дали исказите се точни или неточни. На пример:
- половина од 50 е 25,
- двојно од 32 е 65,
- 100 евроценти е исто со 1 евро,
- 1 евро е помалку од 99 евроценти,
- 100 – 82 изнесува 18,
- половина од 100 е 50,
- итн.
Изберете неколку картички, а броевите нека претставуваат цени (до определен број; за да биде поуверливо, можете до броевите да напишете „ден“ со обичен фломастер, за да наликува на етикета со цена). Кажете им на учениците дека „во продавницата има попуст“, односно сѐ е на половина цена. Прашајте ги колку би чинел секој предмет со попустот. Потоа, нека пресметаат колку треба да платат ако сакаат да купат два идентични производа од некој предмет, нека го пресметаат удвојувањето на секоја од цените.
Играјте игри за „меморија“ со бројните картички. Измешајте ги картичките и наредете ги, превртени надолу со броевите кон масата, а учениците еден по еден превртуваат по две картички. Ако тие се еквивалентни, учениците ги тргаат настрана и добиваат по еден поен. Доколку не се, повторно ги враќаат картичките превртувајќи ги надолу со броевите кон масата и на ред е следен ученик. Играта продолжува сѐ додека не се тргнат сите картички.
Играјте игри преку кои ќе ги утврдите равенствата со собирање и одземање и „еквивалентните“ форми за истите пресметки. На пример:
Равенствата нека ги прикажат со помош на картичките со броеви и картичките со симболи за математички операции. Адаптирајте ги овие активности и за броеви над 10.
Тестирајте ги вештините за слушање и за флуентност во пресметувањето преку читање инструкции. Учениците можат да ги забележуваат, па да го запишат одговорот и да кренат рака кога ќе го имаат истиот одговор што вие го читате како точен. Приспособете ги задачите според нивото на одделението и материјалот што сте го поминале. Еве неколку примери:
- Извлечете една картичка и кажете им на учениците: „Ова е бројот 12, удвојте го“. Потоа додадете собирање и одземање, на пример: „Сега на тој број додадете (или одземете) 5“. Потоа модификувајте ја задачата, на пример: „Ќе кажам еден број. Вие на него додадете 5, а потоа добиениот збир удвојте го“.
- Направете го пресметувањето онака како што слушате. На пример, почнете со 2, удвојте, додадете 10, одземете 1, па додадете 3 и на крајот најдете го бројот што е за 10 помал.
- Дајте ги одговорите, а учениците нека пресметуваат за да го добијат резултатот. Кажете ја операцијата. На пример, користејќи ја операцијата собирање се добива збир 29. Посочете два броја што го исполнуваат овој услов. Зголемете го бројот на броеви, како и броевите, на пример одговорот е 32. Посочете два броја што го исполнуваат овој услов.
Изберете некој двоцифрен број, на пример, 12. Прашајте ги учениците како можете 12 предмети да ставите во еднакви групи? Колку предмети ќе има во една група? Од каде знаете? Запишете ги групирањата и охрабрете ги учениците да пронајдат колку што можат повеќе можности. (Две групи од по шест, шест групи од по два, четири групи од по три, три групи од по четири.) Повторете го со други соодветно избрани броеви. Можете ова да го претставите прекуравенство за да воведете множење и/или делење.
* Празните картички можете да ги употребувате и за варијанти на овие активности, или пак за нови. На празните картички се пишува со обичен фломастер или маркет за табла (внимавајте само да не е перманентен маркер), а се брише лесно, со обично хартиено марамче, ткаенина или сунѓерче, па и со рака.
***
Доколку сакате да дадете придонес со ваш предлог за практички активности или имате друга корисна идеја за примена на картичките и сакате да ја споделите, пишете ни на obrazovanie@literatura.mk.
You must be logged in to post a comment.